Противници од Шпанија за Егоров и Вејсели на светскиот квалификационен турнир за ЛОИ

Во Софија, утре ќе почне и последниот квалификационен турнир за Летните Олимписки Игри “Токио 2020”, кои во текот на оваа година ќе се одржат во јапонската претстолнина. По Светското првенство во 2019 година и континенталните квалификациони турнири, ова е последна можност за нашите борачи, воедно и сите други, да обезбедат олимписка норма.

На овој турнир, нашата репрезентација предводена од селекторот Љуљзим Вренези, ќе учествува со двајца борачи, Владимир Егоров (57 кг) и Фати Вејсели (65 кг). И двајцата борачи, денес ги дознаа своите први протвници, а тоа ќе бидат борачи на Шпанија.

Освојувачот на бронзениот медал на Европското првенство во 2019 година, Владимир Егоров, во категоријата до 57 кг, во првото коло ќе се бори против Леван Метревели од Шпанија, додека нашата друга надеж, Фати Вејсели, во категоријата до 65 кг, исто така ќе се бори против борач од Шпанија, Хуан Пабло Гонзалез Креспо.

Елиминационите борби се на програмата утре и ќе почнат во 10.00 часот според локално време. Напоменуваме дека нашата репрезентација веќе има обезбедно една олимписка норма, преку Магомедгаџи Нуров во категоријата 97 кг, додека на овој квалификационен турнир, олимписка норма ќе обезбедат финалистите во сите категории, со што ќе се пополни бројот од по 16 борачи во сите категории во слободен стил, женско борење и грчко римси стил.