Одлични резултати! Реџеп Хајдари златен, Фати Вејсели бронзен на ‘Петко Сираков’, утре уште по една можност за златен и бронзен медал

Репрезентацијата на Северна Македонија во борење бележи одлични настапи на меѓународниот турнир во борење за сениори до 23 години ‘Петко Сираков’, кој се одржува во Софија, Бугарија.

Најзабележителен настап имаше Реџеп Хајдари, кој постигна одличен резултат, успевајќи да го освои златниот медал во категоријата до 92 кг и најавувајќи други успеси на овогодинешните Европски првенства за јуниори и сениори до 23 години.

Нашата репрезентација во текот на денешниот ден освои уште еден медал и тоа преку Фати Вејсели, кој се закити со бронзата во категоријата до 70 кг.

Во меѓувреме, нашата репрезентација утре ќе има можност да освои уште два медали. Европскиот шампион Бесир Алили ќе се бори во финалето во категоријата до 57 кг, додека Елмедин Сејфулаху ќе се бори за бронзен медал во малото финале во категоријата до 65 кг.