Наградата “8 Септември” за животно дело за селекторот Љуљзим Вренези, е за него лично, но и за сите успеси на нашата федерација во последните четири години

Сите вие што сте имате добра меморија, сигурно ќе се сетите на последните шест месеци од 2016 година, кога нашата федерација беше суспендирана од страна на УВВ (Обединето Светско Борење), поради неплатени долгови, додека нашите борачи немаа можност да се пријавуваат и учествуваат на меѓународните натпреварувања.

Во тој период, еден од најлошите во историјата на борењето во нашата држава, кога никој не се нафаќаше да земе одговорност, одговорноста ја земаа две лица, претседателот Бетим Вренези и неговиот заменик Дејан Богданов. И не само што се нафатија за оваа тешка улога, туку и ветија многу за следниот четиригодишен циклус, што за многумина беше само сон кој не може да се реализира, но со вчерашната награда “8 Септември” за животно дело, добиена од страна на нашиот селектор Љуљзим Вренези, уште еднаш се потврди дека сонот стана реалност.

Плаќањетп на долгот према УВВ, беше само првиот чекор кој го направи нашето раководство на почетокот од мандатот во 2017 година, за потоа да се продолжи полека но сигурно, со одлични успеси на организативен, но и резултатски аспект.

Се почна со титулата екипен балкански шампион на нашата репрезентација на Балканското Првенство за У15 во 2017 година, за да продолжи натаму со многу, навистина многу други успеси. Ќе наброиме само неколку од нив: сребрен, па златен медал на Бесир Алили на Европски првенства за кадети. Повторуваме, прво сребрен, па потоа и златен, значи титула европски првак во кадетска конкуренција на еден наш борач, која нашата држава ја немаше добиено никогаш. Петто место на Светско Првенство за јуниори, па потоа и петто место на Европско Првенство за сениори до 23 година на Фати Вејсели. Петто место на Елмедин Сејфулау на Европско Првенство за сениори, па потоа следеа најголемите успеси, тие што пред само 3 години беа повеќе од сон. Владимир Егоров, на Европското Првенство за сениори во 2019 година, се закити со брозениот медал, што беше прв за нашата држава по 12 години, додека после тоа, следуваше и најголемиот успех, бронзениот медал на Могамедгаџи Нуров од Свесткото Првенство за сениори,прв по цели 21 година. И не само тоа, со Нуров, успеавме да освоиме и олимписка норма, за Олимписките Игри, кои сега веќе се предвидени да се одржат следната година во Токио. Нашата норма е единествена до сега од било кој спорт во Република Северна Македонија, а воопшто прва по цели 12 години.

И по сите овие успеси, под раководство на Бетим Вренези и Дејан Богданов на чело на федерацијата и Љуљзим Вренези на чело на репрезентацијата, секако дека истите не останаа незабележани и од Агенција за Млади и Спорт и челните луѓе на нашата држава. Наградата “8 Септември” за животно дело за 2020 година, повеќе од заслужено отиде во рацете на нашиот селектор Љуљзим Вренези, додека за успехот на нашата федерација да биде уште поголем, секако дека се погрижи и спортскиот директор Сократ Ефтимовски, кој доби еднократна награда, со која се оддава признание на спортисти, тренери и спортски работници за остварување во областа на спортот.

По сето ова, ние, нашата федерација нема да застанеме тука, сега веќе целиме уште повисоко, уште, многу многу повеќе… Медал од Олимписките Игри во Токио 2021 година.